Постојат ноќи кога спортот ги надминува сите физички законитости и се претвора во совршена шаховска партија на зелен терен. Ноќи во кои фудбалот потсетува зошто е најубавата споредна работа на светот. Ова што се случи вечерва на грандиозниот стадион во Далас не беше само полуфинале на Светското првенство 2026. Ова беше апсолутна докторска дисертација од „Црвената фурија“ и монументална победа од 2-0 над досега фаворизираната Франција.
Нула индивидуалност, само чист фудбал!
Ако некој се прашуваше како изгледа совршенството во тимскиот спорт, Шпанците го дадоа одговорот. На теренот видовме нула индивидуалност и чист фудбал. Секој поединец кој го облече шпанскиот дрес одигра за беспрекорна, чиста десетка. Тоа беше целосно тактичко надмудрување, како во срцето на средниот ред каде Родри и Фабијан Руиз господареа со просторот, така и во секое најмало ќоше од огромниот фудбалски терен.
Мрежата на „Триколорите“ беше начната уште во 22. минута, кога по еден невнимателен старт на Лука Дињ врз Ламин Јамал, капитенот Микел Ојарзабал ладнокрвно реализираше пенал за 0-1. Печатот на ова ремек-дело го стави Педро Поро во 58. минута, крунисувајќи една брилијантна тимска акција со хируршки прецизен удар за конечни 0-2.
Колапс на француските мускули
Од другата страна, средината, но и секој друг дел од тимот на толку многу извиканиот француски состав, беше апсолутно непрепознатлив. Најголемите ѕвезди на денешницата, како Килијан Мбапе и Осман Дембеле, беа целосно отсечени, задушени и немоќни пред шпанскиот ѕид. Нивната огромна физичка моќ и експлозивност се удрија во невидливиот тактички штит поставен од Луис де ла Фуенте. Кога топката е кај противникот, брзината не значи ништо.
Франција беше целосно надиграна
До полуфиналето Франција стигна со победи над Шведска, Парагвај и Мароко, додека Шпанците претходно ги елиминираа Австрија, Португалија и Белгија, а групната фаза ја завршија како првопласирани, без ниту еден пораз.
„Црвената фурија“ прва зададе удар во 22. минута. По прекршокот на Лукас Дињи врз Ламин Јамал, судијата покажа на белата точка, а Микел Ојарзабал сигурно го совлада Мајк Мањан за водство од 1:0.
Франција тешко наоѓаше решение против цврстата и дисциплинирана игра на Шпанците. Репрезентацијата предводена од Килијан Мбапе и Усман Дембеле не успеваше да создаде посериозна опасност, додека шпанската одбрана речиси без грешка ги неутрализираше сите обиди на противникот.
Истото сценарио продолжи и по паузата. Наместо израмнување, Французите примија уште еден гол. Во 58. минута Педро Поро и Дани Олмо одлично комбинираа, по што Поро излезе сам пред Мањан и рутински ја испрати топката во мрежата за убедливи 2:0.
По вториот погодок Французите делуваа уште понемоќно, а Шпанија продолжи да напаѓа. Само офсајд-одлука ги спаси „триколорите“ од трет примен гол.
Во продолжението Франција конечно покажа знаци на живот. Мбапе имаше добра можност по брз противнапад да ја врати неизвесноста, но Шпанците и натаму ја контролираа играта и не дозволија противникот сериозно да се закани до крајот на натпреварот.
Победа за вистинските вљубеници во играта
И добро е ова што се случи денес. Всушност не е добро, прекрасно е. Прекрасно е што вечерва се покажа, уште еднаш, дека фудбалот е игра на умот, игра на тактиката и техниката. Ова не е игра на мускули, не е игра на брзина, ниту пак на безобѕирно трчање.
Браво, Шпанија! Огромно браво во името на сите вистински фудбалски фанови. Оваа победа е лекција за малите деца кои допрва почнуваат да ја шутираат топката, но и будење за новата „ТикТок“ генерација на навивачи, да сфатат дека фудбалот пред сè е игра на интелигенцијата. Прекрасно!
Во финалето на СП 2026 Шпанија ќе ги одмери силите со победникот од натпреварот Англија-Аргенцина, кој се игра во среда во 9 часот навечер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата