Британскиот „Телеграф“ вечерва излезе со ексклузивна сторија, за која велат дека е потврдена од неколку извори, во која се наведува дека Џани Инфантино имал љубовница во организацијата кога бил генерален секретар на УЕФА. А, сегашниот прв човек на ФИФА е оженет и има четири деца.
Кога внатрешна истрага откри афера помеѓу генералниот секретар и вработен, Инфантино инсистираше девојката што ја напушти УЕФА да добие шестцифрена „компензација“. Да молчи, се разбира, за да не се пробие превезот што би фрлил дамка врз целата организација.
Од друга страна, веднаш дојде одговор од седиштето на ФИФА:
„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, жестоко ги негира сите обвинувања, бидејќи тие се категорично лажни. Сите инсинуации за негово недолично однесување или кршење на правилата се измислици.“
„Ниту еден вработен во ФИФА или УЕФА никогаш не поднел жалба против однесувањето на г-дин Инфантино, бидејќи никогаш немало сличен инцидент“, тврди ФИФА.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата