logo
logo
logo

ВМРО-ДПМНЕ ПОТСЕТУВА НА ФАКТИТЕ: Заев ја отвори „атс груп“, со него беше и Шекеринска

Vecer | 24.09.2026

ВМРО-ДПМНЕ ПОТСЕТУВА НА ФАКТИТЕ: Заев ја отвори „атс груп“, со него беше и Шекеринска

По обвинувањата на СДСМ за наводното финансирање на американската лобистичка компанија „Mercury Public Affairs“ од страна на „АТС груп“, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека актуелната влада нема никаква поврзаност со приватниот договор меѓу двете компании. Од владејачката партија потсетуваат дека „АТС груп“ била отворена во време на владата предводена од Зоран Заев, кој заедно со тогашни владини функционери, меѓу кои и Радмила Шекеринска, присуствувал на отворањето.

Владејачката партија обвини дека власта предводена од СДСМ е поврзана со „АТС груп“ – фирма која, како што велат, e отворена од Зоран Заев, кој за нејзиното отворање велел дека е резултат на членството на НАТО. Обвинија и дека сопственикот на фирмата во времето на СДСМ добил дипломатски пасош како другар на Заев.

„Дали Богданка Кузеска зборува за истата ‘АТС груп’ која ја отвори Зоран Заев и заедно со пола влада насмеан се сликаше, каде патем беше и Радмила Шекеринска која сега е заменик-генерален секретар на НАТО? Или за истата ‘АТС груп’ за која истиот Заев на отворањето на компанијата викаше дека резултат на членството на НАТО или, да го цитираме, ‘Членството во НАТО отвора нови пазари и можности за зголемување на извозот и инвестициите’“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Партијата дополнително го отвора прашањето за сопственикот на фирмата Шефшет Демировски и поддршката што тој ја добивал од функционери на поранешната власт. Како примери ги посочуваат изјавите и поддршката од ексвицепремиерот Фатмир Битиќи, како и од тогашното Министерство за одбрана. Споменуваат и изјави на експремиерот Димитар Ковачевски за придонесот на „АТС груп“ кон одбранбениот систем на НАТО.

„Талогот од СДС се махери сами да си дадат автогол. Навистина веќе е дегутантно занимавањето на СДС со ширење лаги и дезинформации. Тешката безидејност во која се наоѓаат веќе станува хронична состојба на една партија окупирана од криминални структури, на чело со Зоран Заев и Венко Филипче“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје, чија дејност е производство на муниција, шлемови и балистичка опрема, ѝ плаќа околу 130 000 долари месечно на американската лобистичка компанија „Mercury Public Affairs“ за промовирање теми кои се претставуваат како стратешки државни приоритети на Македонија во САД.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk