ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВУВА ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ ВО 2027: За пензионерите се планирани 123,8 милијарди денари!

Vecer | 25.11.2026

ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВУВА ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ ВО 2027: За пензионерите се планирани 123,8 милијарди денари!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Буџетот за 2027 година планира зголемени средства за пензиите, здравството, образованието и социјалната заштита. Ова го истакна пратеничката и членка на Извршниот комитет на партијата, Ели Панова, на денешната прес-конференција.

Според Панова, владината политика е насочена кон потребите на граѓаните, а јавните средства треба да се користат одговорно, со цел подобрување на животниот стандард.

За исплата на пензиите во 2027 година се предвидени 123,8 милијарди денари, што е за 5,6 милијарди денари повеќе во споредба со претходната година. За социјални надоместоци, пак, се планирани 14,3 милијарди денари.

Во делот на здравството, според најавеното, се предвидени 58,7 милијарди денари, односно 2,8 милијарди денари повеќе од 2026 година. За медицинска опрема се издвоени 198 милиони денари, што претставува раст од речиси 54 проценти. Од нив, 115 милиони денари се наменети за набавка на медицински возила, а 65 милиони денари за проектот за нови клинички центри во Скопје и Штип.

Панова посочи и дека Буџетот предвидува повеќе средства за образованието. За основното образование се планирани 2,4 милијарди денари, што е зголемување од 20 проценти, додека за средното образование се предвидени 2,5 милијарди денари, или над 12 проценти повеќе.

За ученичкиот стандард се планирани 696 милиони денари, а за студентскиот 1,9 милијарди денари. Воедно, продолжуваат инвестициите во високообразовната инфраструктура, меѓу кои се довршувањето на објектите на ФИНКИ и изградбата на нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Во Буџетот за 2027 година се предвидени и 83,2 милиони денари за изградба, опремување и одржување на градинките. Според Панова, ова претставува зголемување од 380 проценти во однос на 2026 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со планираните средства целта е да се подобри поддршката за пензионерите и социјално ранливите категории, да се унапредат здравствените услуги и да се создадат подобри услови за учениците и студентите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk