Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Европската Унија не сака билатералните прашања да се мешаат во пристапните преговори на земјите-кандидатки, но призна дека земјите-членки во политичкиот дел од процесот ги изнесуваат своите интереси и дека таквите спорови мора да се решаваат во духот на добрососедските односи.
Во интервју за МИА, запрашана - како може ЕУ да обезбеди напредок врз основа на заслугите на земјите кандидатки, без тој да биде засенет од билатерални спорови?
Кос вели:
– Штом ќе почнеме да преговараме со една земја, пристапниот процес се одвива на две нивоа. Првото е техничкиот дел, за кој сум одговорна. Отвораме кластери, затвораме поглавја и разгледуваме, закон по закон, што треба да направи вашата земја за да го усогласи своето законодавство со европското.
Вториот, исто така важен дел, е динамиката во земјите членки. Да се вратам на вашето прашање. Не сакаме билатералните прашања да се мешаат во пристапниот процес, но факт е дека во текот на процесот, особено во овој втор дел, земјите членки ги изнесуваат своите интереси.
Тоа не е ново и добро е што е така, бидејќи тогаш разговараме за тоа како земјите членки и земјите кандидатки да се приближат. Понекогаш за тоа е потребно време, како што видовте со прашањето што претходно се појави меѓу унгарската влада и Украина. Иако сметам дека билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата