Вкупно 5.000 штеки цигари со проценета вредност од околу 146.000 евра се запленети на граничниот премин „Богородица“. Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против српски државјанин осомничен за криумчарење.
Цигарите биле спакувани во 100 картонски кутии без ознаки, во кои имало штеки од марките „Марлборо“, „Давидоф“ и „Винстон“.
„Цигарите се обидел да ги пренесе во камионот, декларирајќи дека пренесува пропиленски гранулати, но помеѓу пријавената стока во приколката царинските службеници во предниот дел и во средината на приколката ја пронашле и непријавената стока која веднаш била одземена“, соопшти Обвинителството.
Осомничениот е и сопственик на српската фирма чиј камион го управувал при влезот во Македонија. Тој е осомничен за кривично дело криумчарење по член 278 став 2 од Кривичниот законик.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство“, информираат од Обвинителството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата