ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагира на кривичната пријава што СДСМ ја поднесе за случајот со загадената вода во Гостивар, обвинувајќи го Јон Фрчкоски дека одговорноста ја насочил кон погрешни лица. Од партијата тврдат дека раководителите на институциите опфатени со пријавата навремено презеле мерки, по што, како што наведуваат, состојбата била ставена под контрола.
„Токму поради брзата интервенција на институциите кои ги набројува мали Фрчко, гостиварци веќе извесно време имаат техничка вода во нивните чешми и набрзо ќе имаат и бактериолошки исправна вода за пиење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата додава дека од почетокот на проблемот граѓаните се снабдуваат со бесплатна флаширана вода за пиење.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изнесуваат обвинувања за периодот кога СДСМ беше на власт и Венко Филипче беше министер за здравство. Тврдат дека тогаш околу 400 испитувања на водата во Гостивар покажале дека таа не е исправна за пиење, но дека резултатите, како што наведуваат, биле прикривани.
„Резултатите се криеле, граѓаните не биле известени да не ја консумираат и не биле преземени никакви мерки и активности од ниедна институција, ниту на локално, ниту на централно ниво за решавање на проблемот“, обвинуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ му порача на Фрчкоски, наместо против актуелните раководители на институциите, да поднесе кривична пријава против Филипче, обвинувајќи го СДСМ за одговорност во претходниот период.
Станува збор за партиски обвинувања, а нивната точност и евентуалната кривична одговорност треба да ги утврдат надлежните институции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата