Скопје вечерва повторно е зафатено од густ чад по избувнувањето на нов пожар кај спортскиот аеродром „Стенковец“, каде гори дива депонија со наталожен отпад. Поради поголемата површина што е зафатена од огнот и количината на отпад, чадот и непријатната миризба се шират во околината, додека ветерот дополнително носи чад и од пожарот на Скопска Црна Гора, кој гори веќе два дена. На терен се скопските пожарникари, кои интервенираат на пожарот кај „Стенковец“, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Се крева црн чад како атомска бомба. Скопските пожарникари стигнаа на лице место. Поголема површина ќе биде тешко да се совлада. Активен е подолго време, гори наталожен отпад, кој ќе има уште повеќе чад, повеќе густ чад, и во наредниот период скопјани ќе почувствуваат уште поголем мирис“, изјави Ангелов.
Овој пожар дополнително ја влошува состојбата со пожарите во Скопскиот регион, каде што истовремено се активни повеќе жаришта.
Ангелов претходно информираше и за големиот пожар во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево, кој веќе два дена се обидуваат да го стават под контрола. Силниот ветер го шири чадот во правец кон Скопје, поради што делови од градот веќе го чувствуваат мирисот на чад.
„Ова зад мене е големиот чад од пожарот во месноста Рамно, на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево. Два дена се обидуваме да го ставиме под контрола, но силниот ветер дополнително ја влошува состојбата. Ветерот дува во насока кон Скопје и чадот се шири кон градот. Дел од Скопје веќе го чувствува мирисот на чад. Во текот на денот дејствуваме и со полициски хеликоптер. Таму се скопските пожарникари, со поддршка од пинцгауери на ДЗС, а на лице место се и 30 припадници на Армијата. Нивната задача е да спречат пожарот да помине преку патот. Во моментов нема опасност за околните села. Пожарот е во еден многу длабок дол, долг околу 1.600 метри, и ќе биде проблем да се стави под контрола. Во долот има многу чад, што не дозволува да се дејствува. Очекувам мирисот на чад да се чувствува сè додека ветерот дува во оваа насока. Од УХМР попладнево се очекува северозападен ветер, па мирисот би требало да се чувствува уште неколку часа, до вечерните часови“, рече Ангелов.
Голем пожар се заканува и на куќите кај село Милетино, Општина Брвеница, каде што големиот пожар се заканува на селото. На терен се тетовските пожарникари. Тој информираше дека во земјава во моментов има најмалку 30 активни пожари на отворен простор, оценувајќи дека нивниот број е невообичаено висок за овој период од годината.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата