logo
logo
logo

ВИДЕО | „ОВА Е РЕЦЕПТ ЗА КАТАСТРОФА“ - Ангелов затекна огниште за скара на само чекор од шумата кај Треска

Vecer | 17.08.2026

ВИДЕО | „ОВА Е РЕЦЕПТ ЗА КАТАСТРОФА“ - Ангелов затекна огниште за скара на само чекор од шумата кај Треска

Непрописно поставено огниште за скара е пронајдено во близина на реката Треска во Општина Македонски Брод, при теренска обиколка на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Се претпоставува дека огништето го користеле риболовци, а Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни со палењето оган на отворено.„Во услови кога секој ден се соочуваме со пожари на отворен простор, ваквото неодговорно однесување може да има сериозни последици“, порача Ангелов, повикувајќи ги граѓаните да бидат внимателни со огнот и да не оставаат незгаснати огништа во природа.

Тој нагласи дека околу огништето има сува трева и суви гранки кои водат до блиската шума, што е „рецепт за катастрофа“.

Од ЦУК претходно информираа дека во Македонија до 13 часот денеска биле регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои пет биле активни, два биле ставени под контрола, а три биле целосно изгаснати.

Меѓу активните пожари е и оној во Општина Македонски Брод, каде што огнот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки во месноста Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица.

Покрај пожарот во Македонски Брод, активни се и пожарите во Општина Студеничани, каде што се зафатени мешани шуми кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, како и во Општините Велес и Зелениково, каде што пожарот од месноста Горно Село кај селото С’лп се проширил кон Карабуњиште, Добрино и Тисовица.

Активен пожар има и на подрачјето на Општините Јегуновце, Желино и Сарај, каде што се зафатени мешани шуми кај Копанце, Туденце и Церово, со проширување кон Бојане.

Во Општина Штип активен е пожарот во населбата Балканска, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се ставени пожарите во селото Железница во Општина Кратово и на депонијата во Делчево.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk