„Навистина е убаво кога почнуваат нови проекти“, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на денешниот почеток на изградбата на автопатската делница Кичево – Букојчани. Станува збор за нови 12 километри автопат, кои според Николоски се од исклучително значење за целосното автопатско поврзување на Скопје и Охрид, но и за заокружувањето на Коридорот 8.
„Денеска сме на почеток на уште еден нов проект, тоа е изградбата на автопатот од Кичево до Букојчани. Исклучително значајни 12 километри автопат кои треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, туку и на целиот Коридор 8“, истакна Николоски.
Тој посочи дека локацијата за почетокот на градежните активности не е случајно избрана, бидејќи токму на тоа место завршува автопатот Охрид – Кичево, во должина од 57 километри, на кој во моментов се привршуваат работите.
„Токму овде пред мене завршува автопатот Охрид – Кичево, 57 километри кои во моментов се привршуваат, и оттука продолжуваме со уште 12 километри кои ќе одат до Букојчани, а веќе од Букојчани до Гостивар интензивно се гради и се работи на автопатско решение“, нагласи министерот.
Николоски истакна дека станува збор за исклучително тежок планински терен, кој бара сериозна инженерска подготовка, знаење и искуство.
Тој изрази уверување дека избраните изведувачи успешно ќе одговорат на предизвиците и дека новата автопатска делница ќе биде завршена во предвидениот рок од четири години.
Со почетокот на овој проект се прави уште еден значаен чекор кон модернизација на патната инфраструктура и подобрување на транспортната поврзаност во Македонија.





© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата