ГРИПОТ ЗАБРЗАНО СЕ ШИРИ – Скопје со најмногу нови случаи, Тетово предничи од почетокот на сезоната

Vecer | 27.11.2026

ГРИПОТ ЗАБРЗАНО СЕ ШИРИ – Скопје со најмногу нови случаи, Тетово предничи од почетокот на сезоната
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи пораст. Во периодот од 16 до 22 ноември биле пријавени 188 случаи, што е за 22,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога биле регистрирани 154 заболени, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најмногу заболени во изминатата недела има во Скопје, каде се регистрирани 40 случаи, а потоа следуваат Куманово со 32, Дебар и Радовиш со по 17, Тетово со 13, Охрид и Прилеп со по 11 и Струга со 10 случаи.

Според возрасната структура, најголем број заболени се на возраст од 15 до 64 години, односно 113 лица. Регистрирани се и 29 заболени над 65 години, 28 деца на возраст од пет до 14 години и 18 деца до четиригодишна возраст.

Од ИЈЗ информираат дека активноста на грипот на национално ниво засега е ниска, но бројот на заболени е во пораст и во споредба со истиот период минатата година.

Од почетокот на сезоната 2026/2027, вкупно се пријавени 797 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е за 20,4 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата сезона.

Најголем кумулативен број заболени има во Тетово, со 211 случаи, додека највисока стапка на заболување е регистрирана во Радовиш.

Лабораториските анализи во извештајната недела потврдиле 17 позитивни примероци на грип. Од нив, 13 се од типот Influenza A – несубтипизиран, а четири се Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистрирани се и шест позитивни резултати на коронавирус, додека нема потврдени случаи на респираторниот синцицијален вирус (RSV).

Вакцинацијата против сезонски грип започна на 21 октомври. Според податоците на ИЈЗ, досега со бесплатни вакцини се имунизирани 33.594 лица од ризичните категории на населението. Заинтересираните граѓани можат да закажат вакцинација преку веб-страницата vakcinacija.mk.

Иако активноста на грипот сè уште е на ниско сезонско ниво, од ИЈЗ забележуваат зголемување на бројот на заболени и регионална распространетост на вирусот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk