КОЧАНСКИОТ „ЦУНАТА“ ОСУДЕН НА 2,5 ГОДИНИ ЗАТВОР – избега од полициска станица, па призна вина за дрога

Vecer | 27.11.2026

КОЧАНСКИОТ „ЦУНАТА“ ОСУДЕН НА 2,5 ГОДИНИ ЗАТВОР – избега од полициска станица, па призна вина за дрога
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Александар Лазаров, познат како Цуна, е осуден на 2 години и 6 месеци затвор откако признал вина за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Лазаров пред 4 месеци избега преку прозорец од полициската станица во Кочани, по што по него беше распишана меѓународна потерница.

Пресудата во Основниот суд во Кочани ја изрекла судијката Катерина Цоневска.

При одмерувањето на казната судијката ги зела предвид олеснителните и отежителните околности.

Лазаров бил гонет според членот 215 од Кривичниот законик. Вториот став од овој член предвидува затворска казна до 3 години доколку количеството дрога е помало.

Според тогашните информации од Обвинителството, истрагата била отворена откако во автомобил биле пронајдени 8 грама кокаин. Покрај Лазаров, истрагата опфаќала уште едно осомничено лице.

По бегството од полициската станица, полицијата го лоцираше и го уапси Лазаров во Скопје 4 дена подоцна. Цуна и претходно бил приведуван поради сомневање за кривични дела поврзани со дрога, и во Скопје и во Кочани.

Името на Лазаров беше споменато и на судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Во судницата беше прочитан исказ на сведокот Ана, даден пред обвинител.

„Лице познато како ‘Цуната’ беше главен дилер на дрога. Беше стално апсен, па пуштан“, навела Ана во својот исказ од мај годинава.

По бегството на Лазаров, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи отвори истрага за евентуална одговорност на полицајците под чиј надзор се наоѓал.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk