Приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе носи значително пониски трошоци за меѓународните трансакции, а очекуваните заштеди на банкарски надоместоци во првата година надминуваат пет милиони евра. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на семинарот на Генералниот совет на Европскиот систем на централни банки со централните банки на земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во ЕУ, што се одржа во Европската централна банка во Франкфурт. На настанот учествуваше и вицегувернерката Арљинда Хасани Синани.
Според Славески, испраќањето 500 евра кон земјите од СЕПА сега е шестпати поевтино за граѓаните во споредба со претходниот начин на плаќање. Кај трансакциите од 20.000 евра, пак, трошоците за компаниите се намалени деветпати. Гувернерот се осврна и на следниот чекор во модернизацијата на платежната инфраструктура – воспоставување регионална платформа за инстант плаќања, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС.
Новата платформа ќе овозможи пренос на пари во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Целта е да се олеснат домашните и прекуграничните плаќања, како и постепено да се овозможи поврзување со регионалниот, а подоцна и со европскиот платежен простор. На семинарот во Франкфурт, Славески зборуваше и за значењето на макроекономската стабилност во процесот на приближување кон Европската Унија.
„Макроекономската стабилност не е алтернатива на економскиот развој или конвергенцијата со ЕУ. Таа е еден од основните услови за нивно одржливо остварување“, истакна гувернерот.
Тој нагласи дека тесната поврзаност со европската економија е важен двигател на растот, но истовремено значи дека надворешните економски потреси полесно се пренесуваат и врз домашната економија. За поголема отпорност, според него, потребни се поквалитетни инвестиции, технолошка модернизација, иновации, развој на човечкиот капитал и посилно поврзување на странските инвеститори со домашните компании.
Во однос на монетарната политика, Славески посочи дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се клучни за предвидливо деловно опкружување и одржлив економски раст. При носењето на одлуките, Народната банка ги следи инфлацијата, движењата на девизниот пазар, девизните резерви, платите и кредитниот раст, земајќи ги предвид специфичностите на домашната економија.
Во рамките на настанот беше одржана и средба на гувернерите со Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата