„Првите индикатори во економска смисла се појавуваат. По 28 месеци напорна работа успеваме да извлечеме резултати што нè вбројуваат меѓу првите држави во Европа“, порача премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека Македонија бележи значајни економски резултати и покрај предизвиците со кои се соочува. Според него, растот на БДП во вториот квартал од 2026 година изнесува 4,3 проценти, додека просечната инфлација во третиот квартал е 2,5 проценти.
Мицкоски нагласи дека ваквите резултати ја позиционираат Македонија меѓу петте земји со највисок економски раст во Европа, оценувајќи дека станува збор за резултат на посветената работа на Владата.
„Растот на БДП е 4,3 проценти и е во првите пет во Европа и убедливо е меѓу најголемите во регионот, ако не и најголем“, истакна премиерот.
Тој посочи дека, покрај економскиот раст, значајно е и стабилизирањето на инфлацијата и трошоците за живот.
„Во третиот квартал просечната инфлација кај нас е 2,5 проценти. Било каде во соседството, дали е тоа нашиот јужен, источен или западен сосед, ќе забележите инфлација која е просечна од пет и повеќе проценти“, рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на корекцијата на податоците од Државниот завод за статистика, според која економскиот раст во 2024 година е ревидиран од 3 на 3,8 проценти. Како што посочи, ова влијае и врз показателот за јавниот долг, кој изнесува 57,4 проценти од БДП.
Мицкоски нагласи дека Македонија успеала да го задржи кредитниот рејтинг кај меѓународните рејтинг-агенции, што според него е дополнителна потврда за стабилноста на економијата.
Тој истакна дека резултатите од работата на Владата се видливи и во други области, посочувајќи ги навременото обезбедување учебници, издавањето лични документи и справувањето со пожарите.
Според премиерот, посветената работа во изминатите 28 месеци резултирала со бројни проекти, а Владата ќе продолжи со активности насочени кон економски раст и развој на државата.



© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата