Можноста за повторно активирање на рафинеријата „Окта“ се разгледува во услови на светските предизвици со снабдувањето со дизел, а премиерот Христијан Мицкоски очекува наскоро да добие информација дали и во кој рок производството би можело да продолжи.
Мицкоски информираше дека е одржан состанок со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, меѓу кои и со раководството на „Окта“, на кој било побарано да се преиспита можноста за рестартирање на рафинеријата.
Како што објасни премиерот, со оглед на тоа што продуктоводот е во функција и рафинеријата е физички поврзана со Солунското пристаниште, постои можност во иднина да се транспортира сурова нафта, која потоа би се преработувала во гориво, вклучително и дизел.
„За жал, рафинеријата од 2012 година не е пуштена во погон. Таа е затворена, се прави во моментот дефектажа и очекувам многу скоро да добијам информација од раководството на ‘Окта’ дали, и за колку време, евентуално би можела рафинеријата да биде ставена во функција“, изјави Мицкоски.
Во однос на снабдувањето со гориво, тој рече дека според информациите што ги добил од трговците, нема причина за загриженост од недостиг до крајот на годинава. Додаде дека во неофицијални разговори добил уверувања дека трговците не очекуваат проблеми ниту во текот на следната година.
Сепак, Мицкоски предупреди дека можниот недостиг на дизел на светско ниво претставува сериозен предизвик. Според него, ниту една држава не може да издржи повеќе од три месеци без испораки на дизел гориво, вклучително и Македонија.
Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на политиката на најниски цени на горивата, пред сè на дизелот и безоловните бензини со 95 и 98 октани. Според неговите зборови, цените во Македонија веќе се речиси половина евро по литар пониски отколку кај повеќето соседни земји.
Тој призна дека таквата политика носи предизвици и одредени ризици, но истакна дека заштитата на животниот стандард на граѓаните останува приоритет.
„Стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме. Тоа го правиме и во таа насока ќе продолжиме да се однесуваме“, порача Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата