Како Ива Михаилова ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија, кога Министерството за внатрешни работи нема евидентирано нејзин излез од државата? Ова прашање отвори низа реакции, а за случајот се огласи и бугарската претседателка Илијана Јотова, која призна дека има многу неразјаснети околности. Реагираше и таткото на Михаилова, додека нејзиниот адвокат тврди дека границата ја поминале легално, со документи и преку официјален граничен премин.
Таткото на Ива Михаилова, Симеон Михаилов, во реакцијата за случајот смета дека македонското МВР нема што да знае за начинот на кој неговата ќерка ја поминала границата.
Во меѓувреме, бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека дури утрово дознала за враќањето на Михаилова во Бугарија и дека од неа не била побарана помош за нејзиното заминување од Македонија.
„Има уште многу неразјаснети околности. Мислам дека прво надлежните органи во Бугарија треба да се произнесат“, изјави Јотова, одговарајќи на новинарско прашање за начинот на кој Михаилова ја преминала границата.
Таа нагласи дека е подготвена лично да се сретне со Михаилова, доколку тоа го дозволува нејзината здравствена состојба.
„Ќе почекаме да видиме каков ќе биде заклучокот на бугарските специјалисти. За жал, во моментов не можам да дадам повеќе информации“, посочи Јотова.
Од друга страна, Ива Михаилова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров тврдат дека границата ја поминале без никакви проблеми.
„Поминавме преку граничен премин. Ги извадивме документите и поминавме. Луѓето од македонска страна беа целосно свесни дека станува збор за Ива Михаилова. Никој ништо не ни кажа. Разговаравме и си заминавме“, изјави Димитров за бугарската телевизија НОВА.
Сепак, според официјалниот одговор на македонското МВР, по извршените проверки во системот за гранична контрола, не е евидентиран излез од Македонија на Ива Михаилова.
Дополнително, од МВР соопштија дека преку Заедничкиот контактен центар со Бугарија биле извршени проверки и од бугарската гранична полиција, од каде што добиле информација дека за Михаилова нема регистриран законски влез на бугарска територија.
Михаилова е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици што се случи во октомври минатата година кај Кочани. Против неа, според МВР, сè уште е во сила судска забрана за напуштање на државата.
Таа, пак, изјави дека поради влошената здравствена состојба одлучила да замине во Бугарија, каде што треба да добие медицински третман.
Останува отворено прашањето како Михаилова ја преминала македонско-бугарската граница и зошто нејзиното заминување не е регистрирано во официјалните системи за гранична контрола.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата