logo
logo
logo

ВИДЕО | ЧАНИШТЕ Е БЕЗБЕДНО, НО ОГНЕНОТ ФРОНТ СЕ ДВИЖИ КОН КРУШЕВИЦА: Ангелов со нови детали за пожарот

Vecer | 19.08.2026

ВИДЕО | ЧАНИШТЕ Е БЕЗБЕДНО, НО ОГНЕНОТ ФРОНТ СЕ ДВИЖИ КОН КРУШЕВИЦА: Ангелов со нови детали за пожарот

Селото Чаниште во моментов е безбедно и нема опасност пожарот да го загрози населеното место, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Огнената линија се движи во правец кон Мариово, односно кон Крушевица, каде што екипите на терен продолжуваат со интензивната борба за ставање на пожарот под контрола. Ангелов посочи дека линијата е многу долга, но изрази оптимизам дека пожарот ќе биде изгаснат во текот на денот. Во акцијата се ангажирани четири возила „пинцгауер“ на ДЗС, огнените тимови на Дирекцијата и прилепските пожарникари.

Тој информираше и дека трите манастири во близина на пожарот се обезбедени и дека во нивниот реон се преземаат мерки со контролирано палење и создавање заштитни пресеци. Според Ангелов, во моментов нема опасност за ниту еден од манастирите.

Во раните утрински часови се очекува ангажирање и на полициски хеликоптер, а на терен ќе биде поставен и монтажен базен со вода од кој леталото ќе може да се снабдува. Сепак, поради конфигурацијата на теренот и појавата на силен ветер, употребата на хеликоптерот на одредени места е отежната.

„Важно е да немаме опасност по ниту едно село. Сите пожарникари и сите лица што учествуваат во гаснењето се живи и здрави“, истакна Ангелов.

Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден едно лице, кое работело со багер, се повредило во ногата.

Освен пожарот кај Чаниште, активни се и пожарите на територијата на Студеничани, високо во планината, како и на подрачјето на Македонски Брод. Ангелов посочи дека пожарот кај Студеничани зафаќа поголема површина, додека пожарот кај Македонски Брод е во голема мера намален.

Сепак, тој предупреди дека променливиот ветер претставува сериозен проблем за пожарникарите на терен, бидејќи ситуацијата може да се промени за само неколку секунди.

„Ова е најголемиот пожар ова лето. Иако има ретки грмушки и поретка, неквалитетна шума, сепак тоа е вегетација и се бориме да ја спасиме“, порача Ангелов, апелирајќи до граѓаните да бидат крајно внимателни, бидејќи една искра може да предизвика катастрофа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk