logo
logo
logo

„ЦЕНОВНИКОТ“ НА ПРИЛЕПСКАТА НАРКОГРУПА: Грам марихуана 800, кокаин до 6.000 денари

Vecer | 01.10.2026

„ЦЕНОВНИКОТ“ НА ПРИЛЕПСКАТА НАРКОГРУПА: Грам марихуана 800, кокаин до 6.000 денари

Во координирана полициска акција спроведена на 30 септември 2026 година, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), сузбиена е организирана криминална група од 21 член, инволвирана во недозволена трговија со дрога и економски криминал.

Како што информираат од МВР, групата била составена од 20 лица од Прилеп и едно лице од Скопје, кои подолг временски период вршеле кривични дела на територијата на државата. По повеќемесечно криминалистичко истражување и постапување по судски наредби, извршени се претреси на вкупно 36 локации (33 во Прилеп, две во Скопје и една во Струга).

При акцијата лишени од слобода се 20 лица, а пронајдени и одземени се разни видови дрога (тревкаста, бела прашкаста и грутчеста материја), гасен пиштол, муниција, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони и опрема за мерење и дробење.

Истрагата утврдила дека во периодот од февруари до октомври 2026 година, осомничените Н.В. и М.С. создале криминална група за вршење на недозволена трговија со дрога и оружје, како и економски криминал. Н.В. набавувал кокаин и марихуана од лица по потекло од Албанија, Струга и Дебар, по што организирал мрежа на препродавачи кои ја продавале дрогата на заинтересирани купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје.

Според податоците од полицијата, членовите на групата дрогата ја продавале по утврдени цени:

– Дрогата ја продавале за сума од 500 до 800 денари за грам марихуана и од 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата му ги давале на Н.В., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување на движен и недвижен имот.

Слична шема користел и М.С., кој набавувал дрога од Дебар и Гостивар и ја дистрибуирал преку своја мрежа на препродавачи во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино и Велес, по истите горенаведени цени.

Покрај трговијата со дрога, петмина од осомничените се товарат и за „перење пари“, бидејќи противправно стекнатите средства од продажбата на наркотици во вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра ги внесувале во легалниот платен промет со цел да ја прикријат нивната локација.

Единицата за насилен криминал при ОСОСК на 30.09.2026 година до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против вкупно 21 лице за сторени кривични дела од КЗ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk