Отец Гаврил Галев, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинглејк, доби три високи признанија за неговиот повеќедецениски придонес кон македонската заедница во Австралија. Признанијата му беа врачени на свечената Илинденска прослава во Мелбурн, организирана од Македонската австралиска заедничка организација (MACO), како израз на благодарност за неговата духовна, културна и општествена дејност.
Од Австралиско-сиднејската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) информираат дека признанијата се доделени како знак на почит за неговата долгогодишна работа и посветеност во зачувувањето на македонскиот духовен и културен идентитет меѓу Македонците во Австралија.
– Признанието од Парламентот на Викторија на отец Гаврил му го врачи пратеничката Натали Хачинс, за неговата континуирана работа, пожртвувана служба и поддршка на македонската заедница во државата Викторија. Признание од Владата на Викторија му предаде министерката Ингрид Стит. Ова признание е доделено во соработка со МАЦО, за неговиот повеќе од дваесетгодишен придонес во работата со младите, зачувувањето на македонската култура, традиција и идентитет, како и за неговото активно општествено ангажирање. Третото признание е од Македонскo-австралиската федерација на пензионери, а му го врачи претседателот на федерацијата, Стојан Јанакиевски, за долгогодишната посветеност, несебична служба и исклучителен придонес во духовниот и културниот развој на македонската заедница во Австралија – стои во соопштението.
Овие три признанија, велат, претставуваат потврда дека долгогодишната и пожртвувана служба на отец Гаврил Галев е високо ценета и препознаена не само од македонската заедница, туку и од институциите на австралиската држава, кои, според нив, го вреднуваат неговиот значаен придонес во зачувувањето на македонското духовно, културно и национално наследство во Австралија
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата