logo
logo
logo

СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ НА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ - Се бара решение за стабилен откуп на пиперката

Vecer | 07.08.2026

СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ НА СРЕДБА СО МИНИСТЕРОТ - Се бара решение за стабилен откуп на пиперката

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Струмица одржа средби со откупувачите и производителите на пиперка, со цел разгледување на состојбите со откупот и обезбедување стабилни услови за земјоделците. На разговорите биле отворени прашањата за динамиката на откупот, цените, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите.

Серафимовски пред откупувачите ја нагласи важноста условите за откуп однапред да бидат јасно утврдени, цените транспарентно објавени, а класификацијата на пиперката да се врши прецизно и според договорените критериуми.

„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакна министерот Серафимовски.

На одделната средба со производителите на пиперка беа сослушани нивните забелешки и барања поврзани со почетните откупни цени, производствените трошоци и последиците од временските непогоди врз годинашната реколта.

Министерот Серафимовски истакна дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.

„Зад секој предаден килограм стојат вложувања, труд и приход на едно земјоделско семејство. Затоа разговорот за откупот не смее да се сведе само на бројки, туку мора да ја опфати и одговорноста на секој учесник во синџирот. Секој земјоделец што се соочува со реален проблем е легитимен соговорник “, порача министерот Серафимовски.

Министерот Серафимовски информираше дека Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

Во текот на наредната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk