logo
logo
logo

СКОКОТ ВО ВОДА ЗА МАЛКУ ЌЕ ЗАВРШЕЛ ТРАГИЧНО - Пациентот пренесен од Турција е стабилен, лекарите со апел за внимателност

Vecer | 09.08.2026

СКОКОТ ВО ВОДА ЗА МАЛКУ ЌЕ ЗАВРШЕЛ ТРАГИЧНО - Пациентот пренесен од Турција е стабилен, лекарите со апел за внимателност

Пациентот кој беше транспортиран од Турција по тешката повреда на рбетниот мозок е во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Неговите витални параметри се добри, тој е свесен и контактибилен, дише самостојно и веќе започнал да прима храна по природен пат.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, информира дека пациентот продолжува со лекување и физикална терапија во единицата за интензивно лекување. Лекарите воедно апелираат на особена внимателност при скокање во вода, поради ризикот од сериозни повреди на рбетниот мозок.

-Пациентот е во добра состојба. Виталните параметри се стабилни. Вчера имаше покачена температура, но сите направени тестови се негативни на инфекција и најверојатно станува збор за реакција на транспортот и претходната операција. Од денес тој почна да се храни на уста и имаме подобрување на општата состојба – информираше директорот на ТОАРИЛУЦ.

Според него, во текот на следната недела се очекува пациентот да биде префрлен на Одделот за трауматологија, каде ќе продолжи интензивната рехабилитација, а потоа и во специјализиран центар за понатамошно закрепнување.

Одговарајќи на новинарско прашање дали летово се регистрирани случаи на тешки повреди при скокови во плитка вода, Мерџановски рече дека на Клиниката годинава нема примено такви пациенти, освен момчето кое се повредило во Турција.

Тој нагласи дека превентивните кампањи за безбедно однесување кај младите треба да продолжат, со цел да се подигне свеста и кај децата и кај родителите.

– Не треба да се скока во базени и во непроверени води. Ако тоа се прави, треба да биде во контролирани услови и под стручен надзор – потенцира Мерџановски.

Говорејќи за последиците од ваквите несреќи, тој појасни дека повредите најчесто ги зафаќаат вратните пршлени и рбетниот мозок и спаѓаат меѓу најтешките трауматолошки повреди. Според него овие повреди во најголем број случаи се иреверзибилни и оставаат траен инвалидитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk