logo
logo
logo

СИГУРНА ИДНИНА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ: Мисајловски најави трајно вработување во Армијата и по 45-тата година

Vecer | 20.10.2026

СИГУРНА ИДНИНА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ: Мисајловски најави трајно вработување во Армијата и по 45-тата година

Нова можност за професионалните војници и поголема сигурност за нивната иднина. Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави решение со кое војниците по навршувањето на 45 години ќе можат да останат во Армијата како цивилни лица, со договор за вработување на неопределено време. Со оваа реформа, според најавите, се предвидува трајно решавање на нивниот работен статус и продолжување на професионалниот ангажман во одбранбениот систем.

Одлуката е донесена денеска на владина седница, а решението е договорено и усогласено со Армијата и војниците, соопшти Мисајловски на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.

– Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45-та година. Остануваат сите опции – отпремнина и трансфер во институциите, но со оваа реформа отвораме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.

Министерот појасни дека станува збор за целосно ново решение, кое не е дел од Колективниот договор. Преговорите за договорот продолжуваат и во наредниот период.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека ова е значајна вест за професионалните војници, имајќи предвид дека прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се провлекува повеќе од 15 години.

Според Лафчиски, професионалните војници кои ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат распоредени во единиците каде што ќе ја извршуваат обврската за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата.

– Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска – истакна Лафчиски.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, месечните примања на војниците, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат непроменети. Нивното пензионирање ќе се одвива според постојните правила и одредбите од колективните договори во Армијата.

Според проценките, од следната година околу 100 професионални војници би можеле да ја искористат оваа можност и да продолжат да работат во Армијата како цивилни лица.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk