logo
logo
logo

Позитивните на КОВИД-19 со име и презиме НА САЈТОТ НА ДСЗИ ОД ДЕНЕСКА

Vecer | 02.02.2022

Позитивните на КОВИД-19 со име и презиме НА САЈТОТ НА ДСЗИ ОД ДЕНЕСКА

Позитивните на КОВИД-19 од денеска ќе бидат објавувани на сајтот на Државниот и здравствен санитарен инспекторат, односно ќе се објавуваат името, презимето и адресата на која ќе се спроведува изолацијата на сите граѓани што ќе добијат позитивен резултат на ПЦР-тестот во било која овластена лабораторија во државава.

Тоа значи дека наместо со печатење хартии, доставување на решенија за изолација споровозно, нешто кое што им одземаше и време и ресурси на здравствените инспектори, од денеска на сила стапува нов начин на доставување на решенијата за изолација. Ќе се смета дека од моментот кога името презимето и адресата на граѓанинот позитивен на ковид-19 ќе биде објавено на страницата на ДСЗИ, тој го примил своето решение за изолација.

Новиот начин на доставувањето на решенијата за изолација, синоќа помина и на владина седница.

-Владината одлука опфаќа нов начин на електронска достава на решенијата за изолација. Според нашиот закон, тие мора да се доставуваат на позитивните и на контактите на позитивните пациенти, меѓутоа Македонија е единствената земја во Европа во која тие се издаваа на ваков начин, со неадекватен и неприфатлив начин на достава, со купишта хартии. Проблемот е забележан одамна, меѓутоа сега се поклопи со новите препораки за скратување на изолацијата. Ваквиот начин на електронска објава на решенијата е законски бидејќи ќе се врши со филтрирани податоци дозволени од Агенцијата за заштита на личните податоци, вели за „Слободен печат“ директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат доктор Ирина Сотирова Бухова.

Решенијата за изолација од денеска ќе бидат објавувани на веб страницата на ДСЗИ, а еднаш неделно групно ќе бидат објавувани и во Службен весник, со што ќе се смета дека се издадени. Единствените податоци што ќе се содржат во објавите ќе бидат името, презимето и адресата на која што ќе се спроведува изолацијата, податоци што самите пациенти ги дале при тестирањето во лабораторијата.

Министерството за внатрешни работи, на ист начин како и до сега, ќе ги добива овие списоци уште пред ДСЗИ да ги објави, така што контролата од страна на МВР нема да биде променета.

Веќе нема да се куцаат решенија за изолација рачно туку само доставата ќе биде различна. Колку време ќе биде во изолација пациентот зависи од неговиот матичен лекар и симптоматологијата. ДСЗИ нема евиденција кој од позитивните ќе биде без, а кој со симптоми.

Преку системот „Мој Термин“, секој кој прележал ковид-19,  од страницата „вакцинација.мк“ ќе може да го симне сертификатот за прележаност и тој ќе му служи секаде каде што законски му е побаран.

Според владината одлука, измената се воведува поради зголемениот број на граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број на денови за изолација а со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата за изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk