Вработените во Министерството за одбрана и Армијата наскоро ќе добијат зголемување на платите, откако Министерството за одбрана обезбеди дополнителни финансиски средства во соработка со Министерството за финансии. Ова го најави министерот Владо Мисајловски, истакнувајќи дека армискиот буџет за следната година значително ќе порасне.
„Денеска на состанокот со министерката за финансии договоривме дополнителни средства за повисоки плати.
Набрзо ќе ги слушнете убавите вести. Мојата цел е Министерството за одбрана и Армијата да бидат најдобра институција и тоа ќе го оствариме“, порача Мисајловски.
Нова опрема, хеликоптери и реконструкција на објектите
Покрај растот на платите, ресорот одбрана влегува во голем циклус на модернизација и капитални инвестиции:
Нови летала: Веќе следниот месец се очекува пристигнување на два нови хеликоптери.
Современа технологија: Предвидени се дополнителни средства за набавка на дронови и анти-дрон системи.
Нови униформи: Обезбедени се средства за целосно нови борбени униформи во согласност со НАТО стандардите.
Обнова на инфраструктурата: Следува реконструкција и градба во секоја касарна, како и обновување на Домот на АРМ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата