Искра Хаџи Василева, обвинителката поврзана со случајот во кој беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид кај судијата Ѓоко Ристов, добила најголема поддршка од колегите на денешното тајно гласање за избор на раководител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Според неофицијалните резултати, таа е избрана на функцијата за која непосредно гласаа јавните обвинители во Македонија.
По Вилма Русковска, Хаџи Василева е втората жена на чело на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО ГОКК), иако во ова Обвинителство над 90 отсто од обвинителите се жени.
Неофицијално, трката била тесна меѓу вишиот обвинител Трајче Пеливанов и Хаџи Василева. Тој ги водеше предметите за прислушувањето, но и уште еден предмет против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, а Хаџи Василева ги најде 350.000 евра на судијата Ѓоко Ристов закопани во ѕид, го води корупцискиот предмет против ексдиректорот на Државниот инспекторат за земјоделие Васе Анакиев со митото од 50.000 евра во гаража во кулите Џевахир во Скопје, како и други предмети од повисок јавен интерес.
Покрај Хаџи Василева и Пеливанов, кандидати беа и Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал, Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот. Право на глас имаат вкупно 187 јавни обвинители од целата држава. Се очекува изборната комисија да каже колкава била излезноста на денешните избори.
Мандатот на Обвинителот за гонење организиран криминал Ислам Абази завршува на 15 ноември. Тој беше избран во 2022 и наспроти сомневањата поради негови блиски познанства со тогашната владејачка партија ДУИ, си заминува од ова Обвинителство со пофални зборови и задоволство од колегите со кои контактиравме, кои велат дека тој никогаш не си дозволил да се замеша во нивните предмети, во независноста на обвинителите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата