logo
logo
logo

Нова инвестиција во здравството: СО 92,7 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА КЛИНИКАТА ЗА ФИЗИКАЛНА МЕДИЦИНА ВО СКОПЈЕ

Vecer | 01.09.2026

Нова инвестиција во здравството: СО 92,7 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА КЛИНИКАТА ЗА ФИЗИКАЛНА МЕДИЦИНА ВО СКОПЈЕ

Подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, но и поефикасни и поекономични објекти, треба да донесе реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. За проектот е обезбедена инвестиција од 92,7 милиони денари без ДДВ, а средствата се обезбедени преку грант од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Реконструкцијата ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, по потпишувањето на Договорот за грант со Министерството за здравство.Овие активности се дел од Компонентата 1б од Проектот, која опфаќа реконструкција со мерки за енергетска ефикасност на објекти на централната власт и јавни здравствени установи.

Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.

Со инвестицијата Клиниката ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри и пофункционални услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој, третман и лекување на пациентите.

Предвидените градежни активности опфаќаат поставување термичка изолација на фасадите и кровните конструкции, замена на постојната дотраена столарија со нова енергетски ефикасна столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и замена на постојното осветлување со современи енергетски ефикасни LED-системи.

Во рамките на реконструкцијата ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе се замени досегашниот систем за загревање на мазут, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за функционирање на установата и намалување на негативното влијание врз животната средина.

Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на енергетските карактеристики на клиниката, но и создавање посовремена, пофункционална и поквалитетна здравствена средина за пациентите и медицинскиот персонал.

Реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје претставува уште една значајна инвестиција во модернизацијата на јавната здравствена инфраструктура и е дел од пошироките активности за унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти, поефикасно користење на јавните средства и обезбедување поквалитетни јавни услуги за граѓаните, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk