Измените во Законот за игри на среќа на второто гласање не поминаа. За овој закон гласаа 51 пратеник, а беа потребни 61. Здруженијата на приредувачите на игри на среќа и на спортските обложувалници веќе подолг период предупредуваа дека овие измени се проект на само една партија, отворено алудирајќи дека е тоа ДУИ и дека ќе остави илјадници граѓани без работа. Собранието во февруари ги усвои овие измени поднесени со европско знаменце, но претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот.
„Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14 мај 2020 година, според која за да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон“, соопштија од Собранието.
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ подолго време предупредуваа дека ако се донесе овој Закон ќе стави клуч на вратите на обложувалниците и дека ќе остави 10.000 луѓе на улица, а во буџетот ќе скуси прилив од повеќе од 280 милиони евра годишно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата