Современа модулаторна терапија е достапна за 126 пациенти со цистична фиброза. Од почетните напори за дијагностицирање, за генетска дијагностика пред девет години, до првото воведување на терапијата во 2021 година со три скромни случаи, стигнавме до 126 годинава. Тоа се 126 кои се медицински оправдани случаи, значи вклучување на сите од двегодишна возраст нагоре, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски.
Македонија и македонското здравство, посочи министерот, имаат капацитет да овозможат третман на одредена група на пациенти, во овој случај со цистичната фиброза. Потенцира дека досега во третманот биле вклучени пациенти од 12 години нагоре и само критични случаи под 12 години, и втората новина е дека за првпат се вклучени пациенти и со различни генетски мутации кои претходно не биле третирани.
- Напредокот не е само во терапијата, напредокот е и во стручноста на третманот. Посебно сме благодарни на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и Детската клиника, за вложениот напор и преку тренинг програмата со болницата во Кембриџ да се воведат најдобрите пракси во третманот на пациентите со цистична фиброза. Ова го нема во сите земји од регионот кои имаат сеопфатна програма за третман. Во однос на третманот на цистична фиброза сме пред Србија, заедно со Хрватска, Црна Гора и дел од Босна, односно Република Српска, кои го имаат овој третман како што се спроведува во Македонија. За мене, политичката волја да го решиме овој проблем беше тука поради убеденоста во ефектите, во ефективноста на третманот, истакна Клековски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата