За поздравување се средбите на државната делегација со високи членови на американската администрација и тоа покажува дека сме на вистинскиот пат, рече Изет Меџити, еден од лидерите на коалицискиот партнер „Вреди“ во изјава за МИА во Њујорк за средбите што делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски ги имаше во САД со раководството на американскиот Стејт департмент и други американски претставници.
– Во однос на посетата на владината делегација предводена од премиерот Мицкоски, да имаме предвид дека САД се стратешки партнер на Македонија, нѐ поддржуваа низ сите процеси од независноста до сега, во сите димензии. Присуството на високи членови на американската влада при вакви посети се порака дека сме на прав пат и дека се продлабочува соработката на нашата држава со Соединетите Американски Држави. Ова е за поздравување и мислам дека и понатаму ќе остане во врвните приоритети на нашата Влада. Воедно, единствена алтернатива за државата е членството во Европската Унија. Има индикации и нови моменти на тој план и мислам дека како Влада ќе се искористи секој момент за да се направи чекор повеќе во поглед на интеграциите – изјави Меџити.
Тој во Њујорк присуствуваше на собирот на организацијата ААРЦ, во која учествуваат видни Албанци иселеници во САД. На традиционалниот собир на организацијата, во која членуваат и македонски Албанци, присуствуваа и премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а присутен беше и албанскиот премиер Еди Рама.
– Ова е за поздравување. Имајќи предвид дека Албанците се втора заедница во државата, тие се значаен фактор за државата и располагаат со голем потенцијал за инвестиции, за политичко влијание во Конгресот, Сенатот, американската влада, за поздравување е присуството на премиерот и на министерот за надворешни работи, кои беа поздравени и од премиерот Рама и од другите присутни. Иако не се Албанци, ни направија голема чест со своето присуство тука, а тоа секако ќе се возврати на собирите на македонската дијаспора – додаде Меџити.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата