Официјална Софија порачува дека останува отворена за конструктивен дијалог и очекува „нашиот југозападен сосед да ги исполни преземените обврски со цел да се движи напред по европскиот пат“. Изјавата следува откако шефот на македонската дипломатија ја спомна можноста Европската Унија да биде вклучена во разговорите меѓу Скопје и Софија.
Пристапувањето на Македонија во ЕУ е европско прашање кое треба да се разгледува во рамките на европските институции, нагласува бугарското Министерство за надворешни работи во реакција на изјавите на министерот Тимчо Муцунски.
„Нашето Министерство за надворешни работи истакнува дека Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги постигнатите резултати во рамките на Европската Унија и потсетувајќи дека добрососедските односи се суштински дел од процесот на пристапување и неопходен услов за напредок кон членство во Унијата.“
Претходно во интервју за МИА Муцунски ја отвори можноста во дијалогот да се вклучи трета страна за да се обнови довербата меѓу двете земји.
– Дали тоа ќе значи вклученост на поединечни земји членки, дали ќе значи вклученост на европските институции, битно е да има минимум уште една страна во тој процес, што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата. Затоа што како што има нагласено повеќе пати претседателот на Владата во моментов меѓу нас и Бугарија фундаментално недостасува доверба – изјави тој.
Од Њујорк министерот ги повтори црвените линии на Македонија.
– Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не ѝ обезбедува предвидливост. Затоа за нас е значајно во сите разговори кои што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на ЕУ – рече Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата