Со инвестиција од 2,7 милиони евра модернизиран е аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, којшто, доби реконструиран патничкиот терминал, со зголемен број шалтери, проширени чек-ин простор, зони за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизиран паркинг, современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на пуштањето во употреба на модернизираниот дел од аеродромот, оцени дека со преземените активности значително е подобрен квалитетот на услугите на аеродромот.
„Со ова охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло поинаков квалитет и убеден сум дека во периодот којшто следи бројот на патниците, но и бројот на компаниите коишто ги користат услугите на охридскиот аеродром ќе се зголемува. Оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Имаме ден со најголем број патници досега во историјата — повеќе од 3.000. А исто така има и денови кога имаме повеќе од 20 полетувања, што исто така претставува само по себе еден значаен податок којшто е за почит. Убеден дека во периодот којшто претстои со сите градежни активности и поддршката којашто ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки коишто претставуваат наш нов таргет, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата