Премиерот Мицкоски очекува дека состојбата со водата во Гостивар да се надмине откако ќе се направи целосно миење на системот и добие вода која ќе има нормални параметри и може да се користи за техничка употреба до крајот на неделата, според планот до крајот на следната истата да биде добра и за пиење.
Ако биде сѐ како што треба, бидејќи се вклучија екипи од скопски „Водовод“ и експерти, јас очекувам до крајот на оваа недела да имаме технички исправна вода во Гостивар. Сега треба да се пристапи кон целосно миење на системот за да може да добиеме вода која што ќе има нормални граници на хлор и која што ќе биде добра за техничка употреба. Планот е кон крајот на идната недела таа вода да биде добра и за пиење, кажа Мицкоски.
Институциите се на терен и вршат својата работа посочи Мицкоски, со оценка дека состојбата со водата во гостиварскиот водовод е предизвик плус за општината
Работиме и таму, за жал, таа летаргија која што ја зафати општината после овој случај претставува предизвик за сите нас, но, тоа е што е, иако не се ингеренции тоа на Владата, ние како Влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ час поскоро да профункционира системот и да се стави во употреба, поентира Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата