logo
logo
logo

МАКСИМ Димитриевски: Ќе барам поддршка од цела Македонија, ОВОЈ СДСМ НЕ Е ПАРТИЈА, ПРИВЕЗОК Е НА ДУИ

Vecer | 30.07.2022

МАКСИМ Димитриевски: Ќе барам поддршка од цела Македонија, ОВОЈ СДСМ НЕ Е ПАРТИЈА, ПРИВЕЗОК Е НА ДУИ

Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на Куманово, извојува победа како независен кандидат, лидер на движењето “За наше Куманово“ и најави дека движењето од Куманово ќе се прошири на цела Македонија.

Димитриевски е еден од ретките политички лидери на сегашната политичка сцена кој поседува препознатлив авторитет, харизма и има јасна политичка идеја и идеологоија. За себе вели дека гради и следи социјадемократија но, во нејзината изворна смисла, идолошки темелена на АСНОМска Македонија и граѓанска еднаквост, она од што СДСМ се откажа по доаѓањето на Зоран Заев применувајќи трговска политика без никаква содржина и цел, освен профит.

Максим Димитриевски јавно ги поддржа протестите против бугарскиот ултиматум и, дополнително, организираше притести за таа цел и во Куманово, учествувајќи во сенародниот отпор против доброволното откажување од македонскиот идентитет, јазик, култура и историја што беше уште еден процес во кој се најде  од спротивната страна на сегашниот СДСМ.

Разликата во разбирањето и примената на политиката помеѓу Зоран Заев и Димитар Ковачевски од една, и Максим Димитриевски од друга страна, стана јавно препознаена и доволно е да се погледнат само реакциите на социјалните мрежи и излезноста на протестите против бугарскиот ултиматум за да се види дека Социјалдемократите во Македонија добија реална нова опција, и нов лидер.

И во пресрет на најголемиот државен празник на Македонија, Илинден, Максим Димитриевски останува доследен на својата државотворна социјалдемократска политика која корените на современата држава ги гледа во АСНОМ, а на историјата, идентитетот и културата низ дејностите на македонските интелектуалци, уметници, востаници... последните два века. Тоа го потврува и во своето интервју за весникот Вечер.

-Во пресрет на големиот празник Илинден, кој во свеста на македонскиот народ асоцира на славното Илинденско востание и на Крушевската Република, Македонците и во 21 век не престанаа да се борат за своите правдини. Според Вас, како годинава го дочекуваме националниот празник?

Да, точна е констатацијата во вашето прашање. За жал, Македонците и во 21. век сè уште се борат за своите правдини. Но, пострашно е што Македонците во 21. век се борат за основното човеково право, правото на припадност на одредена нација и правото на употреба на свој мајчин јазик.

Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република се настани од поновата македонска историја кои го потврдуваат вековниот стремеж на македонскиот народ за формирање на своја самостојна и независна држава.

Оваа година, со прифаќањето на Францускиот предлог од актуелната влада, и понудената преговарачка рамка за влез во ЕУ, националниот празник Илинден ќе го пречекаме со едно горко чувство на неправда, со изгубено достоинство, понижени и со неизвесна судбина за натамошниот тек во преговарачкиот процес и нашиот пат кон ЕУ.

За Македонија настапува еден турбулентен период, разединето општество, период во кој ни претстои борба за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и заштита на македонските историски настани и личности. Со еден збор, мораме да сториме сѐ за да ги зачуваме македонските национални и државни интереси.

-Традиционално, Илинден ќе се слави и во културно-историски и спортско-рекреативниот центар во кумановското село Пелинце, посветен на Првото заседание на АСНОМ. Ќе бидете ли таму, со Вашите доскорешни сопартијци? Всушност, имате ли контакт со раководството на СДСМ, откако ја донесоа одлуката за Ваше исклучување?

Во неколку наврати досега потенцирав дека правно-формално сè уште сум член на СДСМ. Процесот за моето исклучување од партијата, во согласност со статутот на СДСМ, не е завршен. Мојата определба е социјалдемократска, но политиката на актуелното раководство на СДСМ нема никаква допирна точка со основните вредности на социјалдемократијата.

Во СДСМ владее една мала политичка елита, која е базирана на клиентелистички основи, личен интерес, без државна и национална стратегија и единствена определба и визија е како да се зачуваат сопствените фотелји. Всушност, СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, кој ги диктира политиките на владата и е грубо кажано ГАЗДА во Македонија.

Контактите и комуникацијата, со дел од раководството на СДСМ, се сведени на минимално ниво и неколку министри, но исклучиво за обврски и проекти кои се поврзани со Општина Куманово и се интерес на граѓаните.

Да, и оваа година Општина Куманово ќе има своја делегација во Пелинце во согласност со претходниот добиен протокол од Собранието. На 2 Август нема простор за политика и политиканство, ќе оддадеме достоинствено почит на загинатите комити и партизани за независна Македонија. Како тоа ќе го сторат актуелните носители на функциите од законодавната и извршната власт кои ги изневерија вредностите на кои им се поклонуваат и дали држењето на говори од нивна страна, на овие за нас свети места, е гест на лицемерство, е прашања за нив кое што ќе ги следи цел живот.

-Движењето „За Наше Куманово“ успеа да обедини луѓе од различни провиниенции и со победата на локални избори ја добивте довербата од најголемиот број граѓани. Ја имате и поддршката на граѓаните надвор од општинските граници, но формирањето на партија засега е само ветување. Ќе прерасне ли „За Наше Куманово“ во „За Наша Македонија“?

Здружението на граѓани „За Наше Куманово“ на последните локални избори излезе со своја јасна понуда и програма пред граѓаните на Куманово и убедливо ја доби нивната доверба. Посебно сум горд што во ова здружение се вклучени истакнати личности од Куманово кои доаѓаат од повеќе сектори: професори, наставници, лекари, уметници, земјоделци, работници, пензионери, ветерани, младинци, стопанственици итн.

Исто така, значајно е да се напомене дека се вклучени сите етнички заедници кои егзистираат на територијата на Општина Куманово и практично ова здружение е Македонија во мало. Сè повеќе расте и поддршката на граѓаните надвор од општинските граници, што за мене претставува еден вид сатисфакција, но и потврда дека со политиките и проектите коишто ги испорачуваме, сме на вистинскиот пат.

Во овој момент, нашиот акцент е ставен на доследно реализирање на ветените проекти во Куманово, но не ја исклучувам можноста за настап на следните парламентарни избори без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни. Кај граѓаните во Македонија постои заситеност од двете политички структури кои 30 години управуваат со Македонија и се менуваат на власт. Сигурен сум дека едно ново граѓанско движење или политичка опција со јасна визија ќе предизвика внимание и заинтересираност кај граѓаните, кое ќе резултира со победа на следните парламентарни избори и позитивни промени во државата.

Очекувам да се приклучат сите граѓани, без разлика на нивната партиска и етничка припадност, кои сакаат да видат Европска Македонија со еден нов концепт, концепт на чесно, одговорно и домаќинско работење, со економски просперитет, со зголемен животен стандард, Македонија во која ветените проекти ќе се исполнуваат, Македонија без корупција и криминал, Македонија со одговорни национални и државни политики, Македонија во која главниот збор ќе го имаат граѓаните, а не политичките поединци, Македонија на солидарност и соживот.

-Остро се спротивставивте на Францускиот предлог, но и на Унилатералната изјава на македонски јазик. Дури организиравте граѓански протест во Куманово. Како мислите дека ќе се одвива политичкото сценарио на пат кон Брисел?

Подолг период, можеби 2-3 години наназад, реагирав, предупредував и јасно во јавноста го кажував мојот став на искажаните бугарски барања од поединци во бугарската влада. За жал, нашето Министерство за надворешни работи, но и целокупната Влада, немаше соодветна реакција.

Недозволиво е граѓаните секојдневно да слушаат невистини и навреди од страна на бугарски претставници, а Македонија, поточно надлежните институции, да молчат. Сето тоа резултираше со Францускиот предлог, којшто е целосно неприфатлив и штетен, и директно задира во македонските национални интереси. Овој предлог претставува невиден преседан во досегашната практика на почеток на преговори со Европската Унија на која било држава.

Нашата стратешка цел е влез во ЕУ, но овој предлог во ваква форма не го отвора патот на Македонија кон исполнување на таа цел. Напротив, ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија и претставува опасност за асимилација на македонскиот народ, т.е. бугаризација. Во преговарачката рамка, зборот протокол е заменет со фразата „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација, според членот 12 од Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија“, што остава можност Република Бугарија во континуитет да конструира нови барања и постојано да нè блокира.

Во протоколот јасно се наведени одредбите и темите кои стануваат дел од преговарачката рамка. А тоа се: говорот на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот, ревизија на учебниците, промената на написите на спомениците и оспорување на идентитетот на македонските историски личности.

Исто така отворањето на Уставот на Македонија и вметнувањето на бугарскиот народ во него е неприфатливо затоа што Бугарија не го признава македонскиот јазик и македонскиот народ. Резултатот е следен: Нашата Влада доби меѓувладина конференција за сликање и ПР-стратегија за некаков наводен успех, а граѓаните во Македонија добија големо понижување. Поддржувам секаков вид на протести, но не поддржувам насилство на истите. Протестите се нужни и преку нив се артикулира незадоволството и големиот гнев кај македонскиот народ за големата неправда.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk