logo
logo
logo

Јанкуловска смета дека требало ПОРАНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ПОЛИТИКАТА

Vecer | 01.04.2023

Јанкуловска смета дека требало ПОРАНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ПОЛИТИКАТА

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е осудена на затворска казна, е во одлична психофизичка состојба и достоинствено и стоички се справува со сите малтретирања и дискриминации“, рече нејзиниот сопруг, адвокатот Влатко Илиевски, во вечерашното гостување во „360 степени“ на „Алсат“.

Јанкулоска е осудена на четири години затвор за случајот „Тенк“. Нејзиниот сопруг вели дека таа во затворот „Идризово“ секојдневно џогира и се храни здраво, па затоа нема простор за грижа од тој аспект. Но, Илиевски вели дека како семејство имаат можност да се гледаат само трипати месечно по еден час, а тоа значи дека Јанкулоска го гледа четиригодишниот син само три часа во месецот.

– Мајка ми на 75 години мораше да упадне, практично таа се пресели кај нас и ја игра улогата на мајка. Морам да ги поздравам и да се заблагодарам на воспитувачките и учителките во градинката каде што оди, го прифатија како свое дете и свесни за тоа што му недостига во животот, се обидуваат и тие, на еден или на друг начин, да му го компензираат тоа со грижата што му ја даваат во градинка. Така што, се снаоѓаме – вели Илиевски.

Јанкулоска во „Идризово“ е сместена во соба наспроти онаа во која казна издржува Катица Јанева, некогашната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое ги поднесе обвиненијата против поранешната министерка. Тие, како што рече Илиевски, имаат комуникација, но најчесто за дневни потреби, а не во однос на обвиненијата.

Сопругот на Јанкулоска, на прашањето дали ексминистерката за внатрешни работи чувствува каење за тоа што била дел од систем што ЕУ го нарече „заробена држава“ и што до крај му остана верна соработничка на Никола Груевски, вели дека таа „има чувство на каење што не си заминала порано од политиката, бидејќи тој труд и време што го одвојувала за министерството со кое раководела и со ангажманот во партијата, можела да го канализира во други работи со кои денеска би имала полагоден, поубав и комфорен живот“.

Илиевски вели дека од денешна гледна точка може многу полесно да се оцени каква била ситуацијата тогаш, но додава дека кога сте „во машината“, со огромни проблеми на дневна основа, човек не може да ја согледа целата слика и да се повлече од политиката кога е неопходен таков чекор.

– Ако сме реални и искрени, од тие разговори што беа пуштени во јавноста на фамозните прес-конференции на Заев, може да се каже дека единствено Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се гласот на разумот – рече Илиевски за „360 степени“.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk