logo
logo
logo

Иванов:

„Со Договорот со Бугарија, власта ја задоволи бугарската страна, Македонија доби самопонижување и одродување од сопствената историја“

Vecer | 27.09.2021

„Со Договорот со Бугарија, власта ја задоволи бугарската страна, Македонија доби самопонижување и одродување од сопствената историја“

Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов на денешниот научен собир во МАНУ истакна дека предупредувал дека актуелната власт на СДСМ се пазари со  оние што претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Иванов ги криткуваше договорите со Бугарија и Грција, но и рамковниот договор.

Тој вели дека со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет, на етничка група. Оттогаш сѐ веќе беше подготвено за она што денеска ни се случува.

- Како претседател на Република Македонија често предупредував за тоа што сега ни се случува, предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско уништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и јазик нема ниту македонското прашање. Со други зборови, прашањето за идентитет ќе се реши со неговото уништување, со тоа Република Македонија и македонскиот народ се турнати во правна, политичка и историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го диктира она што е наше стекнато право и тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати, рече Иванов.

Во однос на договорите со Бугарија и Грција тој додаде дека невиден преседан е, заради политички контекст, политичарите да даваат историско толкувања на фактите.

- Никој нема право и слобода и не е повикан да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само несоодветно туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со Договорот со Бугарија, власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволни само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е самопонижување преку одродување од сопствената историја без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик, наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите од оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат пресија врз македонскиот идентитет, изјави Иванов.

Тој  го спомена и НАТО, при што нагласи дека нашето членство во Алијансата не ја покрива лошата слика за земјата.

- Македонија ја дочека својата 30-годишнина од независноста, која ни поминува без радост и среќа, како земја од групата хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111. место според корупцијата во светот. Членството во НАТО, чија иднина станува се понеизвесна, не може да ја скрие грдата слика за нас. Секако дека ова се и последици и од актуелното идеолошко обликување на светот, но задача на науката е да ги детектира симптомите. Инаку демократијата не може да се увезува. Единствената вистинска демократија е демократијата одоздола, која потекнува од народот, политичката самосвест, посочи Иванов.

Според него  на Македонија ѝ се потребни луѓе кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци и македонски народ, ќе говорат македонски кога некој ќе им го негира јазикот и нема да се автоцензурираат и да ги менуваат историјата и фактите.ж

- Потребни ни се луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснова на самодоверба, самопочит, себеспознание и љубов кон татковината. Луѓе и народ кои конечно ќе се домакедончат“, рече Иванов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk