Прилепчанец нападнал пожарникари кои пристигнале да ја гасат неговата плевна зафатена од пожар, откри директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Во објектот, кој бил во пламен, сопственикот чувал поголемо количество тутун, а кога пожарникарите се обиделе да го локализираат огнот, тој ги туркал и ги спречувал во интервенцијата.
Ангелов претпоставува дека тој бил нервозен затоа што очекувал пожарникарите побрзо да пристигнат, без да размисли дека можеби претходно биле на некоја друга задача.
Ангелов појаснува дека граѓаните не треба да ги сметаат пожарникарите за „супермени“ и дека има повеќе причини зошто тие се појавуваат на место каде треба да гасат задоцнето, односно не во времето кога луѓето ги очекуваат.
Нападнатите пожарникари случајот го пријавиле во полиција. Директорот на ДЗС објави и видео во кое го објаснува случајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата