Потенцијалните жртви на семејно насилство ќе можат да воспоставуваат видеоповици со МВР и ЦУК, а полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат опремени со т.н. боди камери преку кои директно ќе испраќаат видеосигнали до командните центри. Ова, како што рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се двата нови проекта кои значително ќе придонесат во превенцијата и заштитата.
Во гостувањето на „Само вистина" на телевизија Калал 5, Тошковски објасни дека секоја жртва, додека дојде полицијата, ќе може со својата видеокамера да го оствари повикот и да ја документира фактичката состојба која ќе се користи потоа како доказ во кривичните постапки.
Според него, ова се револуционерни промени.
- Најавувам круцијален проект кој гарантирам дека ќе го поткрене нивото на професионалноста на постапувањето од страна на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди камера. Боди камерите ќе можат да преведуваат на повеќе од 40 јазици во живо, да испратат видеосигнал до командниот центар и врз основа на вештачка интелигенција да утврдат одредени факти. Последици ќе трпат сите што нема да ги употребуваат боди камерите. Максимум до средината на 2027 година ќе биде имплементиран проектот со камерите на територијата на цела Македонија. Моментно се реализира пилот проект во Велес. Тоа ќе биде револуционерен проект во Македонија, а резултатите, убеден сум, ќе бидат дури подобри од она коешто го даде „безбеден град“ - потенцира министерот.
Тој повтори дека за него семејното насилство е едно од најголемите општествени зла, кои како проблем ги има Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата