Системско уништување на претпријатието

(Фото) ПОЛИЦИЈА ВО ЈСП - Вработени фатени како крадат нафта

Vecer | 27.11.2026

(Фото) ПОЛИЦИЈА ВО ЈСП - Вработени фатени како крадат нафта
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ синоиќа биле затекнати при кражба на значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Случајот го открила внатрешната контрола на ЈСП, по што веднаш била повикана полицијата.

Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа, а од Обвинителството очекува да отвори постапка.

„Вечерва, внатрешната контрола на ЈСП затекна вработени како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров. Веднаш е повикана полицијата. Вработените ќе бидат отстранети од работа, а очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот“, соопшти Ѓорѓиевски.

Градоначалникот оцени дека случајот е показател за, како што вели, долгогодишното системско уништување на градот.

„Почитувани скопјани, токму за ова зборувам кога велам дека градот со години бил системски уништуван. Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома“, наведе тој. 

Ѓорѓиевски порача дека секој за кого ќе биде утврдено дека посегнал по јавните средства ќе биде санкциониран.

„Моја обврска е да го чувам секој ваш денар. Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран. Без исклучок! Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот! Само со удар во чело, можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје“, додаде градоначалникот.

Ѓорѓиевски не соопшти колку вработени биле затекнати, за колкаво количество нафта станува збор, ниту дали некој е лишен од слобода.

Детали за случајот се очекуваат од Министерството за внатрешни работи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk