По повеќечасовна потрага, утрово е пронајден 62-годишниот планинар кој исчезна при планинарење во Мариово, во близина на прилепското село Лениште. Мажот бил лоциран во селото Кален, а во акцијата учествувале повеќе полициски и спасувачки екипи.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека планинарот бил пронајден денеска, 16 ноември, во 10:15 часот.
Потрагата започнала вчера попладне, откако мажот паднал и ја изгубил свеста, по што во 16:47 часот се јавил на бројот за итни случаи 112. Тој соопштил дека се наоѓа меѓу селото Лениште и манастирот над него.
Полициските служби веднаш биле известени и започнале потрага. Во дополнителен телефонски разговор во 17:10 часот, планинарот информирал дека се движи кон Лениште, но дека батеријата на мобилниот телефон му е при крај. До 18:30 часот тој сè уште не бил пронајден, а телефонот му бил исклучен. Потрагата била проширена со дополнителни полициски службеници и екипа на Територијалната противпожарна единица од Прилеп. Била проверена и неговата домашна адреса, при што било утврдено дека не се вратил дома.
Во акцијата учествувале полицијата, ТППЕ Прилеп, Регионалниот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп, под координација на ЦУК.
По пронаоѓањето во селото Кален, екипа на граничната полиција се упатила на терен за безбедно да го преземе и да го транспортира.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата