Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески денеска информираше дека Основното јавно обвинителство во Охрид интензивно постапува по случајот со девојката која беше претепана од својот партнер во Охрид. Според него, веќе е воспоставен контакт и се врши разговор со нападнатата девојка, која сè уште е задржана на болничко лекување.
Савески уверува дека обвинителството ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расчистување на случајот, а најави дека во текот на денот очекува да биде известен од надлежниот обвинител, кој би можел да донесе и конечна јавнообвинителска одлука.
-Во обвинителството во Охрид интензивно се работи на разоткривање на работата, свесни за тоа колку е од значење јавното обвинителство да покаже брзо и ефикасно постапување, свесни за опасноста на овој вид криминалитет и сите претходно случувања, кои што ги имавме. Ве уверувам дека јавното обвинителство ги превзема сите истражни дејствија се со цел да се расветли во целост овој случај и очекувам во текот на денот да бидам известен од надлежен јавен обвинител, дури и да донесе конечна јавна обвинителска одлука, рече Савески.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто на осомничениот за нападот не му е определена мерка притвор, туку мерка на претпазливост, како и зошто случајот се квалификува како „тешка телесна повреда“, а не како „обид за убиство“, Савески посочи дека правната квалификација зависи од доказите што ќе бидат собрани во истражната постапка.
Тој нагласи дека исказот на жртвата е особено важен за понатамошното постапување, бидејќи од него може да произлезат дополнителни докази со значителна доказна вредност.
-Доколку би ви одговорил на вашето прашање и би утврдил соодветна правна квалификација тоа би се сведело на мое шпекулирање, бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере од истражната постапка, односно сето она што ќе биде собрано како доказен материјал ќе биде ценето. Денеска сум известен од обвинителот дека се во контакт со жртвата. Тој исказ е многу суштествен, од него ќе ни произлезат многу докази кои што се со голема доказна вредност, истакна републичкиот јавен обвинител.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата