“НЕ САКАМЕ ДА ИМА ПРОТЕСТИ, САКАМЕ ПРАВДА“ апелираат родителите на повредената Сара од Охрид

Vecer | 16.11.2026

“НЕ САКАМЕ ДА ИМА ПРОТЕСТИ, САКАМЕ ПРАВДА“ апелираат родителите на повредената Сара од Охрид
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Семејството на младата Сара Георгиевска од Охрид, која беше жртва на брутално физичко насилство, во разговор за Ohrid1 апелира до граѓаните да се откажат од најавениот протест за утре пред Основното јавно обвинителство во Охрид.

Тие се заблагодаруваат за огромната поддршка од јавноста, но по последниот развој на настаните во обвинителството и повторното определување притвор за осомничениот, велат дека во овој момент единствено им се потребни мир и закрепнување на нивната ќерка.

По промената на јавниот обвинител кој постапуваше по предметот, Стојанчо Арнаудоски, и преземањето на случајот од обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска, според информациите со кои располага Ohrid1, побаран е и определен притвор за осомничениот.

Претходно во јавноста се појавија информации за наводна блискост на досегашниот обвинител Арнаудоски со семејството Корабоски, од кое потекнува осомничениот. Овие наводи засега не се официјално потврдени како причина за промената на обвинителот.

Семејството на Сара за Ohrid1 вели дека е задоволно од последниот развој на настаните и дека сега сака единствено институциите да си ја завршат работата, а нивната ќерка да добие мир.

Тие раскажуваат дека зад нив се повеќе од 40 часа вистинска голгота поболниците, исполнета со страв, неизвесност и огромен психички притисок. Сара сѐ уште е во шок од преживеаното и полека се обидува да закрепне.

Нејзините родители откриваат дека таа воопшто не е информирана за најавениот протест, ниту пак има претстава за размерите на реакциите во јавноста.

„Нашата ќерка сѐ уште не знае каков одек има случајот во јавноста. Не знае што сѐ е објавено, ниту дека се најавува протест. Таа сѐ уште е во шок и полека се враќа на себе. Нам сега ни треба мир“, е пораката што семејството ја пренесува во разговорот за Ohrid1.

Родителите нагласуваат дека нивната борба нема никаква политичка заднина, ниту пак сакаат трагедијата на нивната ќерка да биде искористена за политички цели.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk