Македонија се очекува да биде меѓу европските земји со највисок економски раст во наредните години, покажуваат најновите долгорочни прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои ги пренесува „Еуроњуз“.
Според проекциите за периодот од 2027 до 2031 година, македонската економија би требало да бележи просечен годишен раст од 3 проценти, со што земјата се рангира на седмото место во Европа според очекуваното темпо на економски развој.
Прогнозите покажуваат дека земјите од Западен Балкан ќе продолжат да остваруваат стабилен економски раст, кој во повеќето случаи е блиску или над светскиот просек од 3,15 проценти.
Во регионот, највисок просечен раст се прогнозира за Србија – 3,52 проценти, додека Албанија би требало да оствари 3,19 проценти. На европско ниво, првите две позиции им припаѓаат на Малта со 3,96 проценти и Косово со 3,95 проценти.
Од друга страна, ММФ очекува значително понизок раст кај најголемите европски економии. Германија би бележела просечен раст од 0,92 проценти, Италија 0,7 проценти, додека за Европската Унија се прогнозира раст од 1,44 проценти, а за еврозоната 1,21 процент.
Според овие проекции, македонската економија во следниот петгодишен период би растела со темпо повеќе од двојно повисоко од просекот на еврозоната, што, според анализите, претставува позитивен сигнал за долгорочните економски перспективи и конкурентноста на регионот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата