logo
logo
logo

„По 36 амандмани и евроинтеграциски лет во место, пак бараат од нас уставни измени, но сега, не за членство, туку за почеток на преговорите?!“

Vecer | 26.05.2026

„По 36 амандмани и евроинтеграциски лет во место, пак бараат од нас уставни измени, но сега, не за членство, туку за почеток на преговорите?!“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати пред учесниците на летната школа „Re:Europe: Rethinking Europe Together“, проект финансиран од Канцеларијата за француско-германско пријателство, имплементиран од Парискиот Институт за политички науки при Дижон и Хумболтовиот универзитет од Берлин.

На летната школа, којашто ја раководи професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Иван Дамјановски, покрај од земјава, учествуваат и студенти од Германија, Полска, Израел, Бугарија, Франција, Словачка, Луксембург и Украина.  

Најпрво, Сиљановска-Давкова потсети на бројните идеи за европско обединување. Потем, ја акцентираше решеноста на татковците-основачи за ставање крај на војните, преку формирање на европската заедница, претходница на ЕУ, втемелена не само на економски, туку и на демократски принципи и вредности.

За неа, Конрад Аденауер и Роберт Шуман, но и Алчиде Де Гаспери и Жан Моне се државници, цврсто убедени миротворци. Француско – германската комисија не била замислена како политичка арена за притисоци, туку како демократски простор за дебата и разбирање на другиот. За жал, македонското искуство со меѓудржавни комисии е во тукидитовски стил. 

Преку примерот на различни евроинтеграциски искуства, таа укажа на неконзистентноста на евроинтеграциската политика, непочитување на Копенхашките критериуми и на конститутивните акти на заедницата/унијата, како и на практикување двојни стандарди во процесот на проширување.

Според претседателката, ЕУ мора да се реформира за да биде функционален, демократски политички систем, но и да се прошири за да биде компетитивен актер на комплицираната и непредвидлива глобална сцена. Таа посочи дека главна пречка на овој пат е консензусот, како метод на одлучување, но и злоупотребата на ветото од страна на некои членки, преку условување на преговорите и напредокот со идентитетски компромиси од ревизионистички карактер.

Претседателката го демонстрираше горенаведениот феномен на македонскиот, антиевропски преседан, анализирајќи ги наметнатите уставни промени однадвор, спротивно на меѓународното, но и европското право, во духот на уставниот инженеринг.

„По 36 амандмани и евроинтеграциски лет во место, пак бараат од нас уставни измени, но сега, не за членство, туку за почеток на преговорите?!“ – рече таа.

Во обраќањето, Сиљановска-Давкова отвори низа прашања:

– Зарем не е и нашиот устав Lex superior и најважен општествен договор на македонските граѓани, а не книга на политички желби на соседите?

– Зошто би менувале устав со повисоки стандарди на зашита на малцинствата, не само од Бугарија, туку и од најголемиот број членки на ЕУ?

– Што станува со дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани по толку уставни измени и празни ветувања?

– Зошто се толерира и стимулира демократскиот дефицит во ЕУ, со одбрана на ирационални, националистички барања?

– Зарем војната на европско тло не е релевантно предупредување за бесплодноста на реактивната политика и нужноста од превентивна?

Таа порача дека е време за: преиспитување на селективниот пристап на евроинтеграциската политика на ЕУ и нејзиното менување во текот на преговорите; доследно почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур; водење сметка за мислењата на Венецијанската комисија; фокусирање на реформи, наместо на уставен инженеринг.

„ЕУ мора повторно да инспирира со демократскиот капацитет и низ реформи да ја анулира бирократската инертност и спорост во одлучувањето, да воспостави ефикасен механизам на спреги и кочници, да ја зајакне улогата на европскиот демос во Европскиот парламент и преку храбар чекор на проширување, како оној од 2004, да стане важен и силен играч во меѓународните односи” – заклучи претседателката.

По нејзиното обраќање следеа прашања од студентите кои најмногу интерес пројавија за: реформите неопходни во ЕУ како и во ОН; можните механизми коишто би ги принудиле европските земји да ги почитуваат сопствените принципи и вредности, како и за важноста од внатрешни реформи и владеење на правото во процесот на евроинтеграцијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk