ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвинува македонското правосудство дека наместо да биде во служба на правдата и граѓаните, се претворило во „бастион на СДС и ДУИ“ кој, според партијата, ги штити поранешните функционери на овие партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека дел од судиите и обвинителите, кои ги нарекуваат „остатоци на СДС и ДУИ“, овозможуваат избегнување кривична одговорност преку укинување пресуди, стопирање истраги и враќање предмети на повторно постапување.
Како примери партијата ги посочува случајот со автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, пожарот во модуларната болница во Тетово со 14 жртви, како и случајот „Мазут“, за кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека станува збор за предмет тежок 167 милиони евра.
Според партијата, во случајот „Дурмо Турс“ е укината пресудата, додека истрагата за пожарот во модуларната болница е затворена и нема обвинение за кривична одговорност против Венко Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека е запрена истрагата за случајот „Мазут“.
Партијата оценува дека овие случувања не се случајност, туку последица на правосуден систем кој, како што тврдат, бил воспоставен од СДС и ДУИ и продолжува да ги штити нивните луѓе и интереси.
„СДС и ДУИ ја загубија власта, но нивните судии и обвинители останаа нивното последно упориште за одбрана на нивниот криминален систем што го создаваа со години“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ги споменуваат Ислам Абази, Вилма Русковска, Добрила Кацарска и Африм Фидани, за кои тврдат дека се дел од структури кои ги штитат поранешните државни функционери на СДС и ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека кога лица поврзани со СДС и ДУИ треба да одговараат пред правдата, предметите се развлекуваат, истрагите се затвораат, а пресудите се укинуваат.
„Од Ласкарци и Модуларната до случајот Мазут, истата правосудна мрежа ги штити истите политички структури“, наведуваат од партијата, додавајќи дека токму поради тоа, според нив, граѓаните имаат само два отсто доверба во правосудството.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека правосудството треба да биде „бастион и упориште на правдата“, а не на политички структури. Воедно, најавуваат дека, како што велат, „времето на недопирливите“ ќе заврши и дека ќе има одговорност за секого според неговото дело.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата