Секој втор возрасен граѓанин во земјава пуши, а доколку се земат предвид и новите никотински и тутунски производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти. И покрај бројните кампањи и апели за откажување од пушењето, бројот на секојдневни пушачи и интензитетот на пушење се зголемуваат, додека цигарите стануваат сè подостапни во однос на куповната моќ на населението.
Ова го покажуваат резултатите од националното истражување на Аналитика, спроведено оваа година на примерок од 1.065 возрасни лица, кое беше презентирано денеска на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на Аналитика тинк-тенк, во соработка со Светската здравствена организација.
Истражувањето покажува дека во споредба со 2020 година е зголемен интензитетот на пушење, при што повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, а околу 40 проценти од 10 до 20 цигари. Загрижува и нискиот процент на обиди за откажување, додека цигарите станале подостапни поради побавниот раст на нивните цени во однос на платите, и покрај тоа што пушачите месечно трошат околу 4.800 денари за цигари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата