Новиот модел за субвенциониран студентски оброк би можел да почне да се применува од 1 октомври 2027 година, ако го прифатат студентските собранија, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 Степени“ на МРТ 1. Дотогаш студентите ќе продолжат да добиваат по 140 денари.
Според предлогот што го разработува Владата, студентите би добиле повисока субвенција, но Јаневска не кажа колкав би бил новиот износ. Кај трговците што ќе бидат избрани би имале и попуст, кој би можеле да го користат и откако ќе ги потрошат парите за студентски оброк.
„Тие ќе добијат покачување на 140-те денари, но поважно е што ќе добијат попуст од 20% на парите кои тие ги користат како субвенција во операторот кој ќе биде избран – продавница, бурекџилница, што и да е – и плус 20% попуст на своите пари што ќе ги трошат да купуваат во тој оператор откако ќе го потрошат студентскиот оброк“,рече Јаневска.
Министерката најави средба со новиот претседател на Студентското собрание на УКИМ, а потоа и со претседателите на студентските собранија на сите универзитети. На прашањето дали студентите ќе мора да чекаат уште десет месеци за повисок износ, таа одговори дека тоа ќе зависи и од нивниот став, а во меѓувреме „140 денари секако ќе добиваат“.
Во Законот за субвенциониран студентски оброк, како што беше посочено во интервјуто, пишува дека износот се усогласува со стапката на инфлација по секоја фискална година, а пред донесувањето на буџетот за следната година. На прашањето зошто три години нема усогласување, Јаневска одговори дека во законот е утврден износот од 140 денари, кој МОН го исплаќа, но и дека не е наведено чија обврска е усогласувањето. Според неа, МОН можеби ќе побара толкување од Собранието.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата