Влезот пред зградата на Врховен суд веќе подолг период е заштитен со столпчиња поврзани со синџири, а на еден од столбовите е залепено рачно напишано предупредување до граѓаните „Забрането движење во близина на фасадата на зградата“.
Во заградениот простор може да се види по некоја искршена плочка, а еден поглед на фасадата покажува дека на неа недостасуваат делови. Ова може да се забележи и над самиот влез во објектот каде секојдневно поминуваат граѓани, но и вработените во Судот, кои сакале или не мора да поминат покрај фасадата за да стигнат на работните места.
На прашањето до Судот што се случува со фасадата, оттаму велат дека паѓаат мермерни плочки и дека тие на ваков начин се обидуваат да ги предупредат граѓаните.
„Ве информираме дека поставувањето на предупредувачките ознаки и оградувањето на просторот околу зградата на Врховниот суд на Република Северна Македонија се преземени како превентивни мерки, со цел обезбедување на безбедноста на граѓаните што се движат во непосредна близина на зградата, имајќи предвид дека во изминатиот период се забележани случаи на одлепување и паѓање на мермерни плочки од фасадата“, велат оттаму.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата