logo
logo
logo

Комшилук: ТОП НАЧИН УМЕТНОСТА ДА СЕ ВРАТИ ВО НАРОДОТ, Травијата во Железара под балконите

Vecer | 14.06.2026

Комшилук: ТОП НАЧИН УМЕТНОСТА ДА СЕ ВРАТИ ВО НАРОДОТ, Травијата во Железара под балконите

Тревникот пред зградата Коце Металец 2 во скопската населба Железара синоќа се претвори во необична оперска сцена, каде фестивалот „Комшилук“ ја донесе „Травијата“ од Џузепе Верди директно меѓу зградите, балконите и соседите.

Наместо во театарска сала, операта беше изведена на отворено, во срцето на маалото, пред бројна публика составена од станари, случајни минувачи и љубители на уметноста. Настанот беше дел од овогодишното издание на фестивалот „Комшилук“, кој веќе трета година го враќа културниот живот во јавниот простор и ги поврзува луѓето преку уметноста.

Програмата започна со изведбата на првиот чин од „Травијата“, насловен „Љубов на прв поглед“, а вечерта продолжи со реприза и музичка програма на која настапија бројни уметници. Во главните улоги настапија Јаворка Витанова како Виолета Валери и Денис Димоски како Алфредо Жермон, заедно со останатите солисти и ансамблот.

Пред оперската изведба, најмладите посетители имаа можност да ја проследат „Мала Травијата“, корео-драма во изведба на Bullfrogs Ballet School, додека вечерта заврши со настап на Антоние Весковски.

Паралелно со музичката програма беше поставена и изложба на десет македонски визуелни уметници. Наместо во галериски простор, нивните дела беа изложени меѓу луѓето и зградите, следејќи ја основната идеја на фестивалот културата да биде достапна таму каде што живеат граѓаните.

Фестивалот „Комшилук“ започна токму во Црвените згради во Железара, како иницијатива за повторно оживување на соседските врски и јавниот простор. Неговиот основач, Стефан Александар Јовановски, вели дека идејата произлегла од потребата луѓето повторно да се запознаат со своите соседи и да го почувствуваат просторот околу себе како заеднички.

Во изминатите години фестивалот гостуваше во повеќе заедници низ државата, а годинава се врати таму каде што започна – во Железара. Организаторите велат дека нивната цел останува иста: преку уметноста да создадат места за средба, разговор и чувство на припадност меѓу луѓето кои живеат едни покрај други.

За само неколку години „Комшилук“ успеа да привлече внимание и надвор од земјата, освојувајќи признанија на европски културни платформи. Сепак, како што велат организаторите, најголемото признание се реакциите на станарите кои по ваквите настани велат дека повторно се чувствуваат горди на местото каде што живеат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk