logo
logo
logo

ВО МАКЕДОНИЈА СИТЕ ЗАЕДНИЦИ СЕ ЗАШТИТЕНИ СО УСТАВОТ, ВКЛУЧИТЕЛНО И БУГАРСКАТА, за разлика од македонската заедница во Бугарија

Vecer | 20.08.2026

ВО МАКЕДОНИЈА СИТЕ ЗАЕДНИЦИ СЕ ЗАШТИТЕНИ СО УСТАВОТ, ВКЛУЧИТЕЛНО И БУГАРСКАТА, за разлика од македонската заедница во Бугарија

Политиката се темели на разговори. Јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет.

Тој истакна дека нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита на правата за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница.

Во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на бугарскиот премиер Румен Радев дека ќе го поддржи проширувањето на ЕУ, но дека и натаму остануваат на оние барања за исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во земјава, Мицкоски рече дека нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница.

Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. И тоа не го зборувам само јас, туку тоа го зборува и Советот на Европа, којшто ги третира човековите права и затоа и мониторинг и пост-мониторинг мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници на сите граѓани се гарантирани со нашиот Устав. И сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано дека ќе ги почитува човековите права, а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО Илинден Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека партнери треба да разговараат партнерски искрено, а соседите исто така треба да разговараат и, јас сум, вели, подготвен секогаш да разговарам на оваа тема.

Јас сум подготвен во кој било момент да седнам и да разговарам, а за средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето, ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближат позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен да седнам со него, потенцира Мицкоски, додавајќи дека досега немало иницирано директна средба на кое било ниво.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет, рече дека од посетата на неговиот чешки колега на земјава Петр Мацинка е пратена клучна порака дека за Чешка е приоритет што побрзо да станеме полноправна членка на Европската Унија.

Тоа што би сакал да го истакнам е дека колегата Мацинка прати неколку клучни пораки. Прво, дека за Чешка е приоритет дека ние треба што побрзо да станеме полноправна членка на Европската Унија. Второ, дека многу се ценат напорите коишто нашата држава ги има направено во последниот период, насочени кон полноправно членство. И исто така прати јасна порака дека тие како држава ги разбираат нашите позиции и имаат за цел да помогнат доколку е возможно да се изнајде некое соодветно решение за да можеме ние да ги отвориме преговорите. Така што, доколку јас би ја ценел оваа изјава, би ја ценел низ призмата на максимална поддршка којашто Чешка ни ја дава како принципиелен и долгогодишен поддржува – рече Муцунски на барање за коментар за изјавата на Мацинка дека уставните измени не се билатерално прашање, туку прашање меѓу Македонија и ЕУ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk