Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, вчера остро го осуди однесувањето на тројца дрвокрадци кои биле фатени во близина на Штип додека пожарникари се борат со огнената стихија „од другата страна на асфалтот“.
„Додека од едната страна на експресниот пат Штип – Радовиш стотици луѓе од Штип, Струмица, Свети Николе, Кавадарци, Кочани, Берово и од други градови се бориме со пламените јазици да го спасиме селото Селце и сè останато од земја и од воздух, од другата страна на асфалтот некои жители на Штип крадат дрва“, напиша Михаилов на социјалните мрежи.
Тој соопшти дека тројцата биле фатени, но оцени дека останува срамот поради тоа што се обиделе да крадат дрва во момент кога се води битка со пожарот.
„Ги фативме, но срамот останува како белег“, порача Михаилов.
Тој додаде дека, доколку претходно не биле приведени други двајца осомничени за подметнување на пожарот во близина на Селце, би бил убеден дека дрвокрадците го сториле тоа за да го одвлечат вниманието на надлежните.
Пожарот во Штипско и натаму е активен. Поради високите температури и ветерот, огнената линија на моменти се ширела кон викендичките во околината.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, претходно изјави дека пожарот во атарот на селата Селце и Пухче, вчера попладне излегол од контрола и нагло се проширил поради силниот ветер.
Тој додаде дека штипските пожарникари и огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување ги гаснат новите жаришта во текот на денот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата